Екипата на Куманово и го нанесе вториот пораз на гевгелиска Блокотехна во Првата македонска кошаркарска лига.
Во дуелот од 10. коло, кошаркарите на Куманово славеа победа над Блокотехна со 92:79 по четвртини 20-22, 30-12, 29-21 и 13-24.
Решавачки беше вториот период од мечот кој домашниот тим го доби со 18 поени разлика (30-12), па на одмор замина со предност од 50-34.
Триото Караџовски-Караколев-Јаневски заедно постигнаа три четвртини од поените на кумановци. Димитар Караџовски средбата ја заврши со 28, Никола Караколев постигна 23, а Марјан Јаневски додаде 18 поени во шестата победа на Куманово со која оваа екипа се проби на третото место на табелата.
Претходно, Работнички забележа убедлив триумф со 99-31 во дуелот против Карпош Соколи, а Фени Индустри го совлада Шкупи со 83-79
За денеска, од 17 часот, се закажани средбите, Струмица – Гостивар и Кожув – Пелистер, додека натпреварот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и АВ Охрид ќе се игра на 25 декември поради денешното гостување на шампионот во Белград кај Партизан во дуел од АБА лигата.