За време на вонреден инспекциски надзор на Депонијата за комунален отпад „Дрисла“ во селото Батинци, што бил извршен на 1-ви декември, Државниот инспекторат за животна средина утврдил дека воздухот се загадува со јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина, од согорувањето во печката за медицински отпад.
Инспекцијата констатирала дека печката за согорување на медицински отпад во моментот на била вклуечна, но таа работи секојдневно во две смени со капацитет од 250 кг/час, односно 3 тона на ден. „Дрисла“, согласно дозволата, врши месечни мерење на емисија на гасови од емитерот/оџакот на инсинераторот од страна на акредитираната лабораторија за животна средина „Технолаб“ за што се изработени месечни извештаи.
„Од добиените резултати од мерењата на емисија на загадувачки супстанции во воздухот од печката за спалување на медицински отпад, за месеците септември-октомври е евидентирано надминување согласно Правилникот на граничните вредности за параметрите, односно просечните концентрации на јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина. Поради ова надминување и повреда на законска одредба, ДИЖС поведе постапка која е согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух, односно Законот за животната средина за правното лице, а Записникот е потпишан и прифатена е спогодбата која понатаму ќе ја води Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање“, се наведува во соопштението на ДИЖС.
ДИЖС во инспекциската постапка изготвил и Решение за ограничување на работата на инсенераторот за медицински отпад од само 8 часа во период помеѓу 7 и 19 часот и целосна забрана за работата на печката за согорување на медицински отпад кога се надминати праговите на алармирање на загадување на град Скопје за мерната станица Лисиче.
„Дрисла“ покрај мониторингот од страна на „Технолаб“ има поставено и сопствена помала автоматска станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух, а резултатите од мониторингот се објавуваат на Интернет страницата на Депонијата. Од 2016 година за сопствени потреби Дрисла врши мерење на јонизирачко зрачење (радиоактивност) на отпадот што влегува и на разни делови на самата депонија. Записите за мерењата укажуваат дека мерењата се вршени на целата површина на депонијата „Дрисла“ почнувајќи од влезот каде им се врши мерење за јонизирачки зрачење на одредени возила кои носат отпад, па завршувајќи на самото тло на депонијата каде е депониран отпадот. За извршените мерења „Дрисла“ води дневник за интерни потреба за јонизирачките мерења и истиот е достапен за увид на надлежните институции. Радијациона сигурност е во надлежност на Дирекцијата за радијациона сигурност.
При надзорот констатирано е дека на депонијата се носат и одредени количини празни канистри од компанијата „Кемет електроникс“ од ТИРЗ-Бунарџик. Тие се уништуваат со компактирање во телото на депонијата. Во одредена полузатворена просторија во кругот на депонијата организирано е собирно место за отпадни масла, веднаш до сервисот за механизацијата на правниот субјект и истите се собираат во метални буриња, а потекнуваат од сервисирање на сопствената механизација. Собраното отпадно масло се предава на „Аутохаус-Заковски“ од Скопје, компанија овластена од Министерството за животна средина и просторно планирање.