Обвинетите во „Змиско око“ бараат 10-годишната судска голгота да заврши

Од:

Обвинетите во случајот „Змиско око“, за злоупотреби на патарините и по десет години се уште талкаат по судските ходици, барајќи правна разврска на случајот. Откако Апелацискиот суд и по вторпат ја укина првостепената пресуда, повеќе од една година никако да почне повтореното судење во основниот суд Скопје 1. Тие и денеска се собраа пред судот, незадоволни од бавната судска пракса.

„Сите гледате како доаѓаме, 71 обвинет, никако да заврши оваа наша голгота. Никој не ни кажува зошто се одложува, Апелациониот суд двапати го укинува предметот, бидејќи нема докази. Еве денеска уште пред да влеземе, знамеме дека ќе се одложи. Година ипол не почнува судењето“, изјавија дел од обвинетите пред судот.

И денешното судење се одложи, а следното рочиште е закажано за 1 февруари.

„Судијата е нов, откако претходниот го смениле од кривично во прекршочно, и сега не знаеме што ќе правиме“, велат обвинетите, чиј предмет е и пред Врховниот суд, кој треба да одлучи по барањето за судење во разумен рок.
„За ова барање веќе 22 месеци не опструираат сите институции, бидејќи за шест месеци треба да се изјаснат, а тие 22 месеци не ни одговорија, велат дека се постапува по предметот, а ништо не се одлучува“, се пожалија обвинетите.

Тие велат дека очекуваат правна разврска, бидејќи во случајот не е почитувана презумцијата на невиност, тие биле супендирани на разботните места, а потоа и преместени на нови работни позиции.

Затворски казни за десетмина од шеесет и тројцата обвинети обвинети, вака одлучи Основниот суд Скопје 1 во предметот „Змиско око 1“, во 2015 година.

Најголемиот дел од обвинетите, инкасатори на наплатните рампи, кои се товарат дека проневериле милиони евра, добија условни казни. За сите обвинети на кои им е определена условна осуда, Судот го одби обвинението за кривичното дело злосторничко здружување. За петмина, пак, беше донесена ослободителна пресуда.

Судот со пресудата ги задолжи обвинетите да ѝ ја надоместат штетата со износ од 171.403.565, 00 денари (над две и пол милиони евра) на Агенцијата за државни патишта. Обвинетите реагираа на ова, истакнувајќи дека судските органи „си играле со бројки“ и дека никогаш не била утврдена точната висина на штетата.

Триесет и осум обвинети во случајот во 2010 година ја добија и тужбата поднесена пред Судот за човекови права во Стразбур, кој одлучи дека во предметот „Василковски и 37 други против РМ“, е прекршен е член 5 став 3 – правото на слобода и сигурност од Европската конвенција за човекови права. Никола Василковски и 37 други жалители во мај 2008 поднесоа жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во која тврдат дека биле неправедно затворени, без доволен и конкретен мотив и дека немале ефективна можност да се жалат.

Акцијата „Змиско око 1“ е првиот случај, кој подоцна доби уште две продолженија –„Змиско око 2“ и „Калдрма“, во кој полицијата приведе вработени во ЈП „Македонија пат“ во 2007 година. Според обвинението, вработените на патарините им наплаќале половина од цената на патниците, а парите ги присвојувале за себе.

На првото судење, на затворски казни беа осудени само тринаесетмина обвинети, по што Апелација го врати предметот на повторно одлучување во Основниот суд Скопје 1. Според второстепениот суд, посебните истражни мерки не докажале ништо, а исто така беше побарано да се утврди износот на штетата. Воедно падна и тезата на Обвинителството за дел од обвинетите дека сториле злосторничко здружување. Во меѓувреме, 38 обвинети поднесоа тужба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради притворот, при што едногласно е одлучено дека скопскиот Кривичен суд неоправдано им го продолжувал притворот на обвинетите, па државата беше задолжена да им исплати отштета.

Би можело да ве интересира

Обвинетите во „Зимско око 2“ ослободени од вина за злоупотреба на службената положба

Ана Ололовска

ВИДЕО: Четворица ослободени, за останатите условни казни за деценискиот предмет „Змиско око“

Мери Јордановска

Главната расправа за „Змиско око“ е формално завршена, Судот дополнително ќе закаже термин за пресуда

Ана Ололовска

Дополнително вештачање за случајот „Змиско око“

Ана Ололовска