Министерот за правда на Република Македонија Билен Саљији, денеска, на вториот ден од посетата на Летонија ќе има средби со раководителот на летонската Државна служба за пробација, Михаилс Папсујевич и со директорот на Судската управа, Едвинс Балшевич, соопшти Министерството за правда.
Министрите за правда на Македонија и Летонија, Билен Саљији и Џинтарс Раснач вчера во Рига потпишаа Меморандум за соработка помеѓу министерствата за правда на двете земји.
– Со Меморандум се договорија областите, облиците и начинот на соработка помеѓу двете институции, споделувајќи ги заедничките европски вредности во духот на соработката и заемна доверба, се наведува во соопштението.
Меѓу другото, во соработката предност се дава на размена на искуства и најдобри пракси за усогласување на националното законодавство со меѓународните и европските стандарди, поддршка на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија, модернизација на правосудството и судската администрација, едукација и обука на професионалците од правосудството и судиите, подобрување на активностите во областа на пенитенцијарниот систем, ефикасно управување со пробацискиот систем вклучително и развивање на ефикасни алтернативни мерки и пробациски систем како и други области кои се од заемен интерес.
По потпишувањето на Меморандумот за соработка, министерот за Саљији се сретна со директорот за Управата за затвори на Република Летонија и го посети Центарот за зависности при Затворот Олаине.