Делови од Европа беа зафатени од обилни снежни врнежи што предизвикаа проблеми во одвивањето на копнениот и воздушниот сообраќај.
Затворен за сообраќај е аеродромот „Завентем“ во Брисел поради обилните врнежи од снег, соопштија аеродромските власти.
Во 32 области во Франција беше прогласена вонредна состојба, а поради врнежите од снег десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Снежната бура предизвикала хаос и во северниот дел на Италија.
Уште од вчера во Германија е запрен целиот сообраќај на аеродромот во Дизелдорф. Претставници на аеродромот не може да прецизираат колку долго тој ќе остане затворен.
Најголемиот германски аеродром во Франкфурт функционира само со една писта, поради што многу летови се откажани или се изведуваат со задоцнување.
Откажани се повеќе летови и од аеродромот Келн-Бон, но тој засега не е затворен за сообраќај и кон него се пренасочуваат авионите што требаше да слетаат во Дизелдорф.
И делови на Велика Британија исто така беа зафатени од обилни снежни врнежи, а британската метеоролошка служба објави жолто предупредување од можни нови снежни врнежи.
Во исто време, северните делови на Словачка ги погоди ураган, а најкритична е ситуацијата во одморалиштетот Јасна. Ветерот во регионот достигна брзина од 120 километри на час. Паднати се дрва, а на одредени места има прекини и во снабдувањето со електрична енергија.