Второто издание на КРИК Меѓународен фестивал за критичка култура

Од:

Второто издание на КРИК Меѓународен фестивал за критичка култура ќе биде отворен на 14 декември (четврток) во Музеј на современа уметност – Скопје, со почеток во 19 часот.

Пред официјалното отворање, во среда (13 декември, од 11- 17 часот) и четврток (14 декември, од 10 – 17 часот) ќе се одржат семинарска подготовка на колаборативниот перформанс „За настанувањето“ предводена од Дмитри Виленски, Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева (колектив Что делат, Русија) и Семинар за пишување критика „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“.

По свеченото отворање на кое ќе се обрати Роберт Алаѓозовски, министер за култура на РМ, ќе се одржи презентација на работата на колективот Что делат и воведно предавање „Вештерство и солидарност” на Оксана Тимофеева, а потоа и проекција на филмот „Palace Square 100 Years After. Four Seasons of Zombie“ (2017).

Учесници на овогодинешниот фестивал се: Колективот „Что делат“ (Дмитри Виленски (РУ), Оксана Тимофеева (РУ), Олга Егорова (РУ), Нина Гастева (РУ), Сузана Милевска (МК), Миљенка Буљевиќ (ХР), Небојша Вилиќ (МК), Антонија Летиниќ (ХР), Лука Остојиќ (ХР), Владимир Јанковски (МК), Лујо Парежанин (ХР), Весна Милосављевиќ (СРБ), Лара Плавчак (СЛО), Миха Келемина (СЛО).

Второто издание на фестивалот КРИК, оваа година е на тема: „Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала”.

КРИК продолжува да ги истражува односите и проникнувањата на културата – уметноста – политичкото – политиката, преку критичка рефлексија, експеримент и лабораторија преку кои ќе се преиспитуваат парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското во патеката што комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството поврзани со образовните, социјалните, културните, политичките, медиумските права и слободи.

Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала е генералната тематска поставеност на овогодинешниот КРИК, кој се реализира со партнерска соработка со Курзив и Kulturtreger од Хрватски, SCCA – Љубљана од Словенија и SEECult.org. Во рамки на фестивалот отвораме и уште една тематска линија Светот околу нас – критичките ставови во регионот, која се застапува за развој и релевантност на критичката валоризација на уметничката продукција, укажувајќи на нужноста за едукација на автори кои критички ќе рефлектираат во полето на современите уметнички и културни продукции во сите медиуми.

Читајќи го општествениот текст на заедничкото и поединечното, се најдовме исправени пред конфузијата што ја создава неврамената, некозистентната темпоралност врз која почива концептот на историската, но и на социо-културната транзиција.

Од формите на еманципација на работниците до режимите на идентификација со уметноста, од принципите на демократија до транзицијата во нејзините первертирани контексти, од теоријата на интелектуалната еднаквост до формите на задолжителен консензус изградени врз доминантниот апаратус, се чини дека живееме заробени во нашиот одраз на раскршените огледала на политичкото кое го илуминира и дизајнира уметничкото. Консензусот во секој транзициски историски, социо-културен контекст ја проголтува слободата која може да ја произведе само дисензусот, само разликувањето.

Оттука го поставуваме прашањето, што е транзиција? Која беше нејзината цела? Како да процениме дали таа беше успешна или не? Дали транзицијата можеше да успее и дали таа некогаш завршува? На крај, какви идентитети произведува?

Додека го подготвуваме овогодинешното издание на фестивалот, со оглед на моменталните политички промени во Македонија, но и пошироко во Европа, се запрашавме: кои се нашите очекувања од надоаѓачките социо-политички промени и како ние гледаме на моменталните промени што го ре.оформуваат нашето општество?

Сакајќи да ги истакнеме формите на отпор кон тиранијата на транзицискиот, проектен начин на создавање и мислење на слободата, на идентитетите, на „новото“, на современоста низ овогодинешното издание на КРИК се обидуваме да ги истражиме различните практики и знаења кои имплицираат одредена картографија на заедничката културна, уметничка и политичка меморија на копнежот за промена, имајќи ги на ум пресвртните мигови како Октомвриската револуција, Француската буржоаска револуција, па сѐ до нашите социјалистичко-капиталистички транзициони модуси во кои се родија новите травестирани популизми, политички и уметнички процедурални бирократизми и центрирани „демократско-граѓански“ авторитаризми.

Фестивалот е отворена платформа за развој на критичка култура придвижена од Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики.

Интегрален дел од оваа платформа во 2017 и 2018 година, преку програмите во сегментот насловен како платформа Светот околу нас – критиката во регионот, се партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија) и SCCA – Љубљана (Словенија)

Би можело да ве интересира

КРИК – фестивал за критичка култура

Со промоција на книгата „Субјект(ивна) политика“ од Артан Садику завршува седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура

Ана Ололовска

Седмото издание на КРИК фестивал продолжува со перформансот „Обука за реанимација“

Ана Ололовска

Изложба „Сенките на занаетите“ од турскиот уметник Билал Јилмаз утре на програмата на фестивалот КРИК

Ана Ололовска

Поетско читање вечерва на фестивалот КРИК, вчера покрај трпеза познати уметници и писатели говореа за демокртијата

Ана Ололовска

„Гозба или за љубовта” на КРИК 07 – уметници и писатели ќе говорат за демократијата, уметноста, љубовта, пријателството и убавото

Ана Ололовска