Седницата на Комисијата за европски прашања на којашто требаше да се расправа за амандманите што се поднесени за предлог-законот за јазиците е откажана затоа што во салата не беа присутни министерот за правда и заменик-министерот за правда.
Претседателот на Комисијата, Артан Груби, ја одложи седницата и рече дека сите ќе бидат благовремено известени кога ќе биде закажана следната расправа без да прецизира точно време.
Во салата денеска не беа присутни пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На седницата само беа усвоени записниците од претходните три седници.
За предлог-законот се поднесени 90 амандмани, од кои 84 се поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ поднесе четири, а Беса два амандмани.
По второто читање на Комисија, предлог-законот ќе се врати на пленарна седница по што ќе следува гласање на пратениците. Потребата од носење закон за употреба на јазиците беше изгласана на собраниска седница на 15 ноември.
К. Ландов