НБРМ: Движењата во монетарната политика и натаму релативно поволни

Од:

Движењата во македонската економија, од аспект на монетарната политика, во периодот од последната аукција на благајнички записи досега, и натаму се релативно поволни, а продолжува и трендот на релативно поволни движења кај инфлацијата и девизните резерви.

Ова го констатирал Комитетот за оперативна монетарна политика при Народната банка на Република Македонија на вчерашната седница.

Во однос на инфлацијата во денешното соопштение се посочува дека податоците за декември покажуваат понатамошна стабилизација на ценовното ниво, просечната инфлација за целата година била во рамки на проекциите, додека годишниот раст на цените во декември е понизок, во споредба со претходните очекувања.

– Ваквата динамика на домашните цени упатува на постепено смирување на инфлациските притисоци и намалување на ризиците околу идната инфлација. Имајќи ги предвид сегашните претпоставки, последните оцени покажуваат дека инфлацијата во 2013 година би била пониска од претходно очекуваната, се вели во соопштението од НБРМ.

Поволниот девизен пазар, пак, во декември, се наведува, овозможи повисок раст на девизните резерви, во споредба со очекувањата, покажувајќи подобра појдовна позиција на девизните резерви на крајот на годината во однос на очекувањата. Се очекува дека поволните движења кај девизните резерви ќе продолжат и во текот на 2013 година, при што тие и понатаму ќе се одржуваат околу адекватното ниво.

И покрај подобрувањето на состојбата во третото тримесечје, активноста во реалниот сектор е релативно слаба и укажува на отсуство на притисоци врз инфлацијата и девизните резерви преку побарувачката. Кредитната поддршка на економијата преку банкарски кредити и понатаму е присутна, но сепак банките покажуваат воздржаност за поголемо кредитирање. Во тој контекс Народната банка одлучи да ја намали максималната каматна стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени.

– Најновите податоци за кредитниот пазар покажуваат понатамошно забавување на кредитниот раст. Во услови на намалени инфлациски ризици, поволни движења кај девизните резерви, бавно закрепнување на реалниот сектор и забавување на активноста на кредитниот пазар, на оваа седница на Комитетот беше одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени, со што ќе изнесува 3,5%, како и каматната стапка на расположливите депозити на 7 дена, од 2% на 1,75%, се вели во соопштението.

Во согласност со проектираното ниво на ликвидност, Комитетот одлучи на аукцијата да бидат понудени благајнички записи во износ од 24.500 милиони денари, што претставува пониско ниво од достасаниот износ од 26.000 милиони денари. Се очекува дека понатамошното олабавување на монетарната политика ќе придонесе за олеснување на кредитните услови и поголема економска активност.

Како главни ризици за макроекономските движења во претстојниот период и понатаму се посочуваат евентуалното влошување на глобалниот економски амбиент и неизвесноста околу преносните ефекти врз инфлацијата. Поради тоа од НБРМ велат дека внимателно ќе ги следат идните макроекономски движења и доколку е потребно, ќе реагираат преку монетарната политика со цел да се задржи макроекономската стабилност и да ги исполни монетарните цели.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ