Албанската националистичка Алијанса „Црвено црни“ достави барање до Централната изборна комисија во Тирана за спроведување референдум за обединување на Албанија и Косово, јави дописникот на МИА од Тирана.
При тоа подигнати се официјални документи за отпочнување со собирање 50.000 потписи.
Иицијативата беше промовирана на 28 ноември на преминот Морина, на албанско-косовската граница.
Лидерот на партијата, Крешник Спахиу, изјави дека албанските држави треба да станат членки на ЕУ како албанска федерација со две единици, која ги руши границите, но оти не ги променува нив.
– Албанската федерација со две единици, создава можност Албанците да влезат во ЕУ како албанска федерација. Обединувањето ќе се случи пред зачленувањето во ЕУ. Ова е една обврска која требаше да ја има албанската политичка класа која требаше да потврди дека не е заложник на антиалбанските држави, изјавил Спахиу, кој доставувањето на барањето го оценил како историски чекор за започнување на процедурата за обединување на двете албански држави, Косово и Албанија.
Според него, годинава биле одбележани сто години од независноста, но оти тоа биле и години на распарчување на Албанија. Црвено црните се блиски и со идентични ставови со косовското движење „Самоопределување“ на Албин Курти.