Обемот на стоковната размена со странство од јануари до ноември 2012 година изнесува 9.544.306.000 американски долари, при што вредноста на извозот на стоки од Република Македонија изнесува 3.645.344 илјади американски долари, а на увозот 5. 898.962.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз е 61,8 отсто. Трговскиот дефицит изнесува 2.253.619.000 американски долари, објави Државниот завод за статистика.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, преработките од нафта, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, рудите на никел и нивните концентрати и електричната енергија.
Во периодот јануари-ноември 2012 година, најголемо учество од 62,5 отсто во извозот на стоки имаат земјите – членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан со 24,6 отсто. Во увозот на стоки, исто така, најголемо учество со 58,9 отсто имаат земјите-членки на ЕУ и земјите во развој со 22,2 отсто.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Бугарија и Италија со 47,3 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.