Амбасадата на САД, Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и Американското катче во Битола приредија Саем за образование, наменет за младите луѓе од градот и регионот кои се заинтересирани за платени стручни пракси за студенти од Техничките факултети, учество во меѓународни проекти, кариерно советување, студентска размена и други академски можности.
Според Бенџамин Линџмен, претставник на канцеларијата за односи со јавност во амбасадата на САД, на младите луѓе од регионот и државата им се нудат бројни програми за едукација и професионален развој и истите непречено може да се користат од апликантите.
-Ги поттикнувам младите луѓе да се информираат за можностите кои ги нудиме, програмите за размена на студенти и студирање во Америка, програмата „Јес/Yes“ за средношколци кои исто така може една година да учат во САД, како и Фулбрајт-програмата која е заедничка меѓу владите на САД и Македонија која овозможува стипендирање за додипломски и постдипломски студии, истакна Линџмен на Саемот за образование во Битола.