Помошникот на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, кој од септември минатата година се наоѓа во затвор, денеска е сменет од функцијата директор на иранската државна новинска агенција ИРНА.
На местото на Али Акбар Џаванфекр, кој се наоѓа во злогласниот затвор Евин во Техеран, е поставен Маџид Омиди Шараки, вториот советник на Ахмадинеџад, кој досега бил шеф на кабинетот на претседателот за политички и безбедносни прашања.
Омиди Шараки е петиот директор на ИРНА од доаѓањето на Ахмадинеџад на власт во 2005 година.
Џаванфекр е уапсен на 26 септември додека Ахмадинеџад држел говор во Генералното собрание на ОН во Њујорк и отслужува шестмесечна казна затвор. Тој е осуден за објавување материјали кои го навредуваат исламскиот кодекс и јавниот морал, бидејќи му дозволил на еден од државните весници под негова контрола да објави текстови во кои се доведува во прашање исламскиот кодекс на облекување за жените.