Тренерот на Металург Александар Јовиќ најави атак на бодовите на дуелот со Мотор Запорожје во рамките на 9. коло на групната фаза на Лигата на шампионите.
– Натпреварот на гостински терен со Мотор Запорожје сметам дека ни беше најдобар натпревар оваа сезона. Сепак, на саботниот натпревар фаворитската улога им ја препуштаме на гостите, бидејќи се работи за искусна и квалитетна екипа која знае да си ги искористи шансите. Нашите шанси ги гледам во добрата одбрана, иако во последните неколку натпревари токму таа многу потфрли, што се гледа и од големиот број на примени голови, рече Јовиќ на денешната прес-конференција.
Предводникот на металурзите апелира неговите избраници да веруваат повеќе во своите квалитети.
– Овој натпревар треба да на ја подигне самодовербата и затоа сите ќе дадеме максимум. Освен на оној натпревар со Чеховски Медведи на домашен терен, на другите средби генерално игравме добро. Ни недостасува тоа искуство кога се крши натпреварот, тогаш влегуваме во серија на грешки и тоа е нешто што со искуство и со текот на времето треба да го надминеме, истакна Јовиќ.
Тој соопшти дека ќе ја води екипата, иако во Скопје се наоѓа Лино Червар со кого ги одработиле последните тренинзи.
– Јас ќе бидам на паркетот, а Лино на трибина. Тој се врати во Скопје, последните тренинзи заедно ги одработивме и сигурно е дека секој негов совет ќе ни биде од полза, дополни Јовиќ.