Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, во просториите на Секретаријатот за европски прашања, беше домаќин на Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Во присуство и на Заменик Претседателот на Владата и Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Министерот за правда, Билен Саљији, како и Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, Вицепремиерот Османи реферираше за новите делови, шест и девет, од реформскиот План 3-6-9.
„Планот 3-6-9 во моментов претставува заокружена целина, во која се вметнати сите препораки, забелешки и сугестии кои доаѓаат од нашите меѓународни партнери“ истакна Османи. Тој ги посочи извештаите на Европската Комисија, Венецијанската Комисија, Греко, извештаите на високата експертска група предводена од Рајнхард Прибе, како и сите останати релевантни извештаи, како главен инпут при креирањето на Планот 3-6-9. „Целовитоста на Планот 3-6-9 има за цел, по неговата имплементација, истиот да не продолжи во нов дел 12, туку со одлука за отпочнување преговори“, потенцираше Османи.
На средбата посебен акцент беше ставен и на областите за кои е констатирана најголема потреба за итноста на реформите, како што се: реформа на безбедносните служби, реформа на правосудството, како и реформа на јавната администрација. Ресорните министри Спасовски, Салији и Манчевски реферираа пред еврокомесарот Хан за донесените стратегии, акциските планови и преземените активности при подготовката на Планот, но и за подготвеноста и посветеноста во имплементацијата на реформите.
Претставниците на Владата изразија голема благодарност за присуството на Хан во Македонија, кое, заеднички констатираа, претставува дополнителен поттик за реформскиот процес, катализатор на процесот на изградба на политички консензус, како и севкупна поддршка за евроинтегративните процеси на Македонија.