Вечерва, во Мегарон – Концертната сала на Атина, Грција, Ergon Ensemble ќе ги претстави делата на шест истакнати композиторки од балканскиот полуостров: Дијана Ротару од Романија, Лина Тонија од Грција, Александра Карастојанова од Бугарија, Зејнеп Гедизлиоглу од Турција, Милица Ѓорѓевиќ од Србија и Дарија Андовска од Македонија.
Концертот со наслов Balkan Project/ Women in modern music ја претставува новата музика преку диверзитетот и карактерот на Балканот, кој е точка на цивилизациско вкрстување и меланж, но и преку реномираните композиторки од 21 век, кои се предводници на оваа сцена.
Ergon Ensemble ќе ја изведат композицијата „Zugzwang“ од Дарија Андовска, за камерен ансамбл и фиксен медиум, која после својата премиера на ДММ 2011 со Е.А.R. Unit ensemble од САД, доживеа бројни изведби низ Европа и САД, како и изданија на носачи на звук.