Поголемиот број албански емигранти во Италија автомобилите ги возат со албански регистарски таблички, со цел да ги одбегнат високите давачки за осигурување во Италија.
Загриженост од ова појава искажале италијанските осигурителни компании, кои во реакцијата до властите бараат да се прекине ваквото однесување на албанските емигранти, јавуваат албанските медиуми.
– Албанските државјани, кои во истовреме поседуваат и италијанско државјанство, купуваат автомобили во Италија, но истите ги царинат во Албанија и со албански регистраски таблички ги возат низ Италија. Ова предизвикува големи загуби за италијанската држава, во областа на даноците и осигурувањето, но во истовреме големи загуби трпат и десеттици италијански осигурителни компании, пренесуваат медиумите.
Според осигурителните компании емигрантите од Албанија наместо да платат 2000 евра за целосно осигурување во Италија, тие ги осигуруваат возилата за 200 евра во Албанија и имаат право на целосно осигурување. Оваа појава, најприсутна била во подрачјето на Горна Падова, каде поради бројот на автомобилите со албански таблички се чини дека се наоѓаш во Албанија.
Албанските емигранти велат дека тие не ги кршат италијанските закони, вклучувајќи го тука и законските одредби за осигурување, но оти тоа го прават за да ги избегнат високите италијански осигурителни давачки во време на економска криза.