Новата генерална директорка на УНЕСКО, Одри Азуле смета дека повлекувањето на САД од организацијата не е во нивни интерес.
САД побараа реформација на УНЕСКО и ставање крај на анти-израелската пристрасност во работењето, кога се повлекоа од организацијата која што работи за заштита на светското културно наследство минатиот месец.
– Повлекувањето на САД е одлука на суверена држава и јас тоа го почитувам. Повлекувањето не е многу изненадувачко, имајќи го предвид моменталниот став на САД кон мултилатерализмот. УНЕСКО и порано функционирала без САД, кои на крајот секогаш носеле одлука дека треба да се вратат во нашите редови. УНЕСКО ќе продолжи да работи со американското граѓанско општество, и со универзитетите, изјави Азуле, поранешна француска министерка за култура која официјално застана на чело на УНЕСКО минатата недела.