Косовскиот премиер Хашим Тачи ќе побара формирање на посебен фонд за економски развој на северниот дел на Косово, кој ќе ги опфати и општините Косовска Митровица и Вучитрн, а со него би раководеле ЕУ и косовската Влада, пишува весникот „Коха диторе“, кој се повикува на високи претставници на косовската Влада, блиски до тимот кој ќе ја претставува Приштина на состанокот со Белград во Брисел на 17 јануари.
Во овој фонд, според весникот, ќе се слеваат и средства од буџетот на Србија, кои се издвојуваат за северниот дел, вклучувајќи го и целиот регион на Косовска Митровица, но без општината Србица.
– Целта е целиот регион на Митровица да добива финансии од овој фонд. Србица може да остане надвор, но Вучитрн треба да биде негов дел. Овој регион беше носител на економскиот развој, но поради политичката ситуација остана во незавидна положба. Фондот треба да има за цел економски развој на регионот, истакнал еден од изворите на весникот.