Во василевското село Градашорци денеска по десетти пат се одржа манифестацијата „Ден на празот“ на која беа презентирани специјалитети со праз, а производителите го покажаа родот.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а на настанот присуствуваше и министерот Љупчо Николовски и претставници на дипломатскиот кор.
Градоначалникот на Василево, Марјан Јанев рече дека ќе ја поддржуваат манифестацијата како место на кое се среќаваат трговците и производителите, но и се празнува празот кој е препознатлив белег на Градашорци.
– Наш приоритет ќе биде привлекување на инвеститори кои ќе отворат откупни центри во нашата општина, бидејќи празот со својот квалитет е препознатлив не само во државата, туку и надвор од неа. Наша интенција ќе биде оваа градинарска култура да биде застапена во текот на целата година и да се зголемат површините за да бидеме конкурентни на пазарите, истакна Јанев.
Земјоделецот Ристо Андонов од Градашорци, кој целиот свој работен век произведувал праз, вели дека нема пласман поради иселувањето и оти цената на празот не е доволна за покривање на трошоците.
Празот е двегодишна култура која се одгледува поради продолжената, цилиндрична луковица која ја сочинува месното задебелување од бели листови. По потекло е од Средоземјето, а оваа култура поради своите хранливи вредности и лековити својства била употребувана и од старите Египјани, Грци и Римјани.