Австрискиот опозициски политичар Петер Пилц денеска поднесе оставка на должноста пратеник во Парламентот на Австрија, откако беше обвинет за сексуален напад.
Како што јави ДПА, 63-годишниот Пилц е обвинет дека во 2013 година во пијана состојба се обидел да силува една млада активистка на Австриската народна партија (ОВП).
На прес-конференција во Виена, Пилц изјави дека не се сеќава на таков случај, но дека многу сериозно ги сфаќа обвинувањата за сексуален напад.
– Можеби навистина сум и сторил нешто лошо на некоја жена, изјави Пилц.
Тој беше обвинет за сексуално малтретирање и од негова поранешна асистентка, но таквите обвинувања ги отфрли како невистинити.
Пилц долги години беше пратеник на Зелената алтернатива, но во јули годинава ја напушти партијата и на изборите минатиот месец настапи со сопствена левичарска партија под името Листа на Петер Пилц. Неговата Листа на изборите освои осум пратеници, додека зелените не успеаја да го минат изборниот праг.
Обвинувањата против Пилц доаѓаат во време на глобален бран на тврдења за сексуални напади од страна на познати личности од јавниот живот, меѓу кои се и филмскиот продуцент Харви Вајнстин и актерот Кевин Спејси.