Најмалку пет луѓе загинаа во невреме, кое денеска ги погоди централните делови на Европа, предизвикувајќи недостиг на електрична енергија и прекин во сообраќајот.
Две лица настрадаа во Полска, а две во Чешка. Сите четворица ги загубиле своите животи откако над нив паднало дрво.
Во Чешка една жена настрадала во градот Требич, а повозрасен маж во североисточниот дел на Прага.
Една од жртвите е возач на автомобил во Полска, кој загинал кога на патот налетал на гранка во близина на градот Шчеќина, соопштија пожарникарските служби.
Силниот ветер предизвика прекин во сообраќајот на неколку железнички линии и патишта во Чешка.
Неколку реки во северниот дел на земјата достигнале алармантно ниво на водата, а стотина илјади семејства се без електрична енергија.
И во Полска околу 200.000 луѓе немаат електрична енергија.
Ветровите достигнуваа брзина и од 100 километри на час во неколку делови на Чешка.
Во Австрија поради големото невреме е откажана трката во слалом во рамки на машкиот Светски куп, додека во Германија се поплавени некои делови на Хамбург.
Германската железница не сообраќа на повеќето релации во земјата и затоа е невозможен пристапот до железницата во градовите Бремен, Хамбург, Берлин, Дрезден и Лајпциг.
Поради невремето, властите на Берлин утрово прогласија вонредна состојба во градот, со цел да се олесни справувањето со последиците од ударот на бурата Херварт.
Еден 63-годишен маж загина во градот Зештет додека кампувал заедно со неговиот брат, кој успеал да се спаси од бурата.
Во некои делови на Германија има прекини и во снабдувањето со електрична енергија, а властите им препорачаа на граѓаните да останат во своите домови и да избегнуваат движење низ паркови и шуми.