Засега непознати лица минатата ноќ истрелаа над 200 куршуми од автоматско оружје кон домот на началникот на полицијата во шведскиот град Вестерос.
Според шведската полиција, при нападот нема жртви, иако во тоа време полицискиот началник и неговото семејство биле во куќата и спиеле.
Шефот на шведската полиција Дан Елијасон денеска оцени дека случајот претставува „напад врз целото општество“.
Веднаш по инцидентот, членовите на семејството на началникот се пренесени на безбедно место.
Мотивите за нападот засега не се познати.
Ова е трет напад врз припадник на шведската полиција оваа година. Во февруари поставена бомба експлодира под автомобилот на полициски началник во стокхолмското предградие Тебју, додека во ноќта меѓу 17 и 18 октомври сила експлозија одекна во полициската станица во градот Хелсингбори. При овие напади немаше жртви.