„Се соочивме со притисоци, закани и подметнувања. Продолжуваме и натаму да бараме решение кое ќе биде така скроено што ќе биде прифатливо за мнозинството граѓани на Република Македонија на организиран државен референдум. Европа треба да сфати дека тука постои македонски народ со непоколеблива волја да го задржи тоа што е негово. Ние сме разбран и мирољубив народ. Немаме територијални аспирации ниту кон Грција, ниту кон било кој друг сосед. Ние сакаме мирно и достоинствено да живееме и да соработуваме со сите нив. Не сакаме ништо што е туѓо, но не сакаме ни да ни го земат тоа што е наше“, рече премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на синоќешната трибина на владејачката партија во општината Петровец
Груевски кажа дека Македонија се соочува со притисоци како од надвор, така и од внатре, но „власта ќе продолжи да бара решение што ќе биде прифатливо за сите граѓани на Македонија“.
„Грците треба да си избришат од своите глави дека преку било какви уцени ќе го сменат идентитетот на македонскиот народ. Тој постоел, постои и ќе постои, тоа е порака која мора да ја разберат, истакна Груевски.
Пред жителите на општината премиерот рече дека „Грција треба да сфати дека во оваа држава живеат Македонци кои го говорат македонскиот јазик“.
„Грција бара да се постави ново име кое што тие ќе го одберат. Ние се спротивставивме, ветивме дека ќе се спротивставиме на ваков начин и вакви барања. Кажавме дека сме подготвени за решение и компромис, но не како што тоа го замислиле нашите соседи, кои што сакаат да го сменат комплетно идентитетот на Македонците во оваа држава Република Македонија“, рече Груевски.
Премиерот се осврна и на митинзите на СДСМ и нивните обиколки по селата, што според него е чудно зашто се фалат како да е нешто чудно ново и невообичаено.
„Откако сме во Владата секоја година наши тимови од околу седум-осум луѓе најмалку поминуваат по околу 1.000. Оваа година ќе има посета и на повеќе од 1.000 села. Меѓутоа, не сме почувствувале потреба да излеземе и да кажеме во кое село сме биле, особено што ако фатиме да ги редиме 1.000 села треба еден час да држиме прес-конференција и само да ги редиме селата кои сме ги посетиле и каде што сме разговарале со луѓе“, рече Груевски.
Груевски рече дека годинава владеачката партија посетила околу 500 села, а за летото има агенда да се посетат уште 800 села.