ДОМ на овие локални избори, учествувајќи во здружената коалиција предводена од СДСМ, освои деветнаесет советници во исто толку општини во Република Македонија, кои, пред се, ќе се залагаат за реализирање на целите и заложбите на ДОМ како зелена партија, а тоа е создавањето зелени општини за здрав живот.
Советниците на ДОМ денеска заедно со претседателката Лилјана Поповска и членовите на Извршниот совет, остварија и прв работен состанок за разгледување на насоките на нивното идно дејствување во општинските совети во земјава.
Пред тоа советниците одржаа прес-конференција, на која, од името на 19-те советници, свои изјави дадоа советниците од Кисела Вода и од Валандово, Христина Оџаклиеска и Димче Балески.
Ние, како советници, ќе се залагаме за заштита на животната средина во нашите општини, за чист воздух, вода и почви, за зелена економија, зелени работни места и хумано просторно планирање во општините, изјави денеска Христина Оџаклиеска, советник од Кисела Вода, во име на сите деветнаесет новоизбрани советници од ДОМ.
Таа ги повика граѓаните во недела, на 29 октомвро, да излезат на гласање и со заокружување на бројот 19 да ја дадат својата поддршка на Коалицијата предводена од СДСМ. „По завршувањето на Локалните избори ги повикуваме сите граѓани да ги побараат советниците од ДОМ во своите општини, за да можеме заеднички да ги решиме нивните проблеми“, изјави на крајот Оџаклиеска.
Димче Балески, советник на ДОМ од Валандово, изјави дека рудниците за злато и бакар во југоисточниот дел на земјава треба да се затворат и да се преиспитаат легислативата и документите со кои се издадени концесиите. Овој регион е земјоделски, а овие рудници би им ја загрозиле основната егзистенција на илјадници земјоделци, заклучи Балески.