Филхармонијата доби употребна дозвола, долгот кон Страбаг 15 милиони евра

Од:

Објектот на Македонската филхармонија денеска го доби решението за употребна дозвола и е подготвен вечер да ја почне зимската концертна сезона, соопшти министерот за култура Роберт Алаѓозовски при денешната обиколка на новата концертна сала. Истакна дека во изминатите пет месеци покажале дека не само што можат да работат согласно даден краен рок, туку, како што рече, и да ги доведат сите недовршени работи во соодветна законска рамка.

– Им честитам на вработените во Филхармонијата, во Министерството за култура и во останатите надлежни министерства и органи што дадоа се од себе оваа голема акција да се заврши. Нашата идеја е да работиме во интерес на граѓаните и согласно со законот и процедурите. Не само што не ги напуштаме проектите на претходниците, туку ги надминуваме сите нивни слабости. Им честитам и на граѓаните што добија еден полно оперативен објект, рече Алаѓозовски.

Долговите кон австриската фирма Страбаг и, како што рече, целата заплеткана ситуација на меѓусебни доверителски односи меѓу Министерството и таа градежна компанија, ќе ги решаваат според буџетските можности и онака како што ќе успеат да ги допрецизираат сите поединечни и специфични односи меѓу Министерството, Страбаг и сите кои учествувале во изведувањето на објектот.

Приближно, рече, за враќање на Страбаг остануваат околу 15 милиони евра, но износот не е прецизиран зашто разгледуваат, како што рече, кусоци и вишоци и непредвидени работи.

– Сепак, колку и да се тие средства, ќе бидат за извесен процент помалку од претходно предвидената сума, додаде Алаѓозовски.

В.д. директорот на Филхармонијата Виктор Илиески ги соопшти предизвиците со кои се соочил од назначувањето во јули за да ги обезбеди сите техничко-правни процедури за објектот кој беше отворен во мај но без технички прием.

– На 21 мај беше пуштен, но на некој начин беше парадерски пуштен, за сликање, со ненаправена мала сала и без приклучок за парно кој сега, за среќа, го обезбедивме од БЕГ. Во меѓувреме се донесени и сите акти за безбедност и заштита при работа. Јас ја презедов одговорноста за пролонгирање на почетокот на новата концертна сезона, но сега сите техничко-правни процедури се завршени и салата ќе биде пример како треба да функционира еден објект, рече Илиески.

Оркестарот под диригентство на Борјан Цанев имаше проба за вечерашниот, веќе распродаден концерт „Нов почеток“, во големата сала која има илјада седишта. Наскоро ќе биде промовирана и малата сала за камерни концерти, со 312 седишта и можност за вовлекување и проширување на сцената. Филхармонијата има и студио за снимање концерти и носачи на звук, на кое се поврзани одделните (индивидуални) студија/соби за вежбање. Покрај техничките и по светски стандарди потенцијали на салата – акустика и осветлување, објектот има и есктетски обликуван ентериер од еко-материјали, дизајн на српскиот архитект Зоран Ѓорѓевиќ.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска