Меѓу првата и денешната, втора јавна расправа за Нацрт-стратегијата за културниот развој во Република Македонија во периодот 2018-2022, во Министерството за култура стигнале предлози најмногу за општиот (прв) дел од текстот, а помал број (14) сугестии се однесуваат на посебните цели за развој на културата по области. Целта на јавните расправи е издржаните и суштински предлози на засегнатите страни да бидат вградени во нацртот со цел да се подготви национална стратегија по примерот на европските земји.
– Отсуството на предлози, критики и сугестии може да се разбере и како квалификација дека сме направиле добра работа. Но, не сме толку самобендисани за да мислиме дека сме завршиле одлична работа. Знааеме дека текстот може многу да се подобри особено во делот кој се однесува на институциите…. Општиот дел од нацртот е преработен. Тој, условно, треба да биде Библија на македонската култура што ја очекуваме во наредните пет години. Сите стратешки приоритети наведени во општиот дел сакаме институциите да ги пресликаат во својата работа, рече посебниот советник во Министерството за култура Златко Теодосиевски. Нагласи дека главни цели на кои се инсистира се демократичност, инклузивност, децентрализација и партиципативност.
Заменик-министерот за култура Владимир Лазовски ги повика институциите и поединците во културата активно да учествуваат во создавањето услови за, како што рече, подобра, одржлива и стабилна иднина на нашата култура.
– На нашата култура и се потребни коренити промени…. Нашите клучни заложби се култура за сите, култура до сите. Визијата за културата и уметноста кај нас на среден и подолг рок не смее да биде наметната и да доаѓа одозгора, туку да ги вклучува сите во нејзиното обликување. До крајот на годината ни претстои интензивна и заедничка работа за осмислување на стратегијата за развој на културата за 2018-2022, рече Лазовски.
Предлози ќе може да се доставуваат и во наредниот период. Во декември се очекува поширок форум кога и ќе се финализира предлог-стратегијата и ќе се проследи во Владата, а до крајот на годината треба да биде донесена. Исто така, ќе следуваат јавни расправи во осум градови низ Македонија, со цел да се слушнат потребите во културата на локалните заедници.
Јавната расправа продолжи во четири паралелни дебати по дејности: за културно наследство и музеи; за авторски права; за литература и издаваштво и за музика, театар, мултимедија и визуелни уметности.