(ВИДЕО) Со 7-годишно дете три години живеат без струја

Од:

На светскиот ден за борба против сиромаштијата семејството Јовановски од скопската населба 11 Октомври се бори да го преживее денот. Ноќе како да не живеат. Три години во нивната куќа нема струја оти немаат пари да ја плаќаат. Тричленото семејство се навикнало обврските да ги завршува додека е ден. Најмногу внимаваат на домашните задачи на седумгодишниот Давид.

„Ако ни остане нешто за навечер, пишуваме на свеќа. Се плашам дека ќе му го расипеме видот“, вели Светлана.

Долгот за струја им е над 200.000 денари. Додека бил жив свекор ѝ, примал пензија и некако успевале да ја плаќаат струјата, но откако починал, имаат само колку за леб, сè друго им е луксуз. Освен свеќи, имаат и неколку светилки на соларна енергија. Преку ден ги полнат закачени на сонце во дворот за навечер да може да обележат каде им се вратите од вецето и од спалната.

За капење топлат вода во голем лонец. Им го дале соседите за не се мачат со мали тенџериња.

Топлат вода и готват на шпорет на дрва во дневната соба. И во најголемите горештини Светлана вели дека морала да пали оган за да зготви нешто за јадење. А за јадење, вели таа, имаат само по неколку дена во месецот. Нејзиниот сопруг Ласте работи. Платата му е 10.000 денари, а отплаќаат стар кредит од 3.000 денари, па преживуваат со она што останува.

„Кога ќе потрошиме сè што имаме, се снаоѓаме. Ни помагаат соседите, а сопругот еднаш неделно оди кај ‘Мајка Тереза’ на улицата Македонија и зема јадење, поинаку не можеме“, вели Светлана.

Целиот двор им е затрупан со остатоци од мебел, штици, федери од стари кревети, душеци, расипани машини за перење, нафтени печки, а почнале да собираат и старо железо. Сакаат да соберат колку можат повеќе, па да го однесат во отпад за да земат пари. Некоја невладина организација, која во последно време често ги посетува и им носи храна, им ветила дека ќе им обезбеди превоз до отпадите. Чекајќи го превозот, го затрупале дворот, а затрупани со стар мебел и штици им се и сите соби во куќата. Од страв да не останат без дрва за греење, го наполниле и подрумот во кој, како што вели Светлана, не се влегува.

Таа е невработена. Работела во печатница, но пропаднала фирмата и таа останала и без она малку што го заработувала. Кога се обидела да најде нова работа, не успеала, а сега дома ја задржуваат обврските кон Давид.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, семејството Јовановски е само дел од 445.200 лица што живеат во сиромаштија во Македонија. Стапката на сиромаштија во Македонија е 21,5 отсто. За сиромашни се сметаат самци што имаат годишни примања пониски од 78.362 денари, а четиричлено семејство со две малолетни деца се смета за сиромашно ако има примања пониски од 164.560 денари.

Овие податоци се однесуваат на 2015 година. Годишниот извештај за минатата година Државниот завод најави дека ќе го објави на крајот на месецот.

Денес на улицата Македонија втора година по ред здружението „Проект среќа“ го одбележа меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, а во организација на невладината организација „Мрдни со прст“ денес на пет локации во Скопје се отворени пунктови за донирање храна.

М.И.П.
Камера: Тони Кузмановски/Монтажа: Бојан Ефремов

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Голем пожар во зграда во Чаир: Евакуирани над 100 луѓе, има повредени

Катерина Ѓуровски

АХВ нареди времено затворање на кујната во касарната „Гоце Делчев“

Горан Наумовски

Во Скопје се санираат штетите од синоќешното невреме

Повеќе од 12 часа делови од Скопје без струја

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Во Тетово и во Скопје уште се санираат последиците од невремето