Илирика Кеш Фонд е новиот отворен инвестициски фонд кој доби одобрение за организирање од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.
Како што информира Комисијата за хартии од вредност, со фондот ќе управува Друштвото за управување со инвестициски фондови Илирика Фунд Менаџмент АД Скопје.
Според Проспектот, инвестициската цел на Фондот е зголемување на вредноста на имотот, остварување на постојан раст на вредноста на уделот и високо ниво на сигурност при вложувањето. Затоа, Друштвото планира да ги вложува средствата од имотот на Фондот претежно во портфолио на нискоризични должнички хартии од вредност и инструменти на пазарот на пари.
Хартиите од вредност каде што Фондот ќе ги инвестира средствата предвидено е да бидат од издавачи чие седиште, односно претежна дејност се врши во Република Македонија, земјите членки на ЕУ и ОЕЦД и земјите кои не се членки на ЕУ и ОЕЦД – Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија и Украина.
Друштвото за управување со инвестициски фондови Илирика Фунд Менаџмент АД Скопје освен со новиот Илирика Кеш Фонд-отворен инвестициски фонд, управува и со уште два инвестициски фонда со Илирика Глобал растечки Пазари-отворен инвестициски фонд и Илирика Југоисточна Европа-отворен инвестициски фонд.
Илирика Кеш Фонд е десетти отворен инвестициски фонд во Република Македонија.