Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, вечерва во Битолскиот музеј отвори галерија на икони, галерија на современа уметност, легат на академскиот сликар Борислав Траиковски и легат на скулпторот Сотир Димовски.
Новите галерии и изложбен простор се сместени во целосно нов дел во НУ Завод и Музеј-Битола, кои како што рече министерот Алаѓозовски, на чудесен начин го спојуваат културното наследство и претставуваат најдобар показател на дејноста и смислата на постоењето на Завод и Музеј.
– Овој исклучително значаен потфат на НУ Завод и Музеј-Битола претставува еден патоказ за начинот на кој треба сите ние да дејствуваме заедно за заштита на нашето бесценето културно и уметничко богатство и вреднување на оние што се втемелија во историјата на нашата уметност. Ние ќе инвестираме не само во зачувување на нашата богата културна историја туку и во нашата иднина и затоа повикувам да чекориме посветено и трпеливо на тој план, истакна министерот Алаѓозовски.
Отворањето на галеријата на икони, галеријата на современа уметност, легатот на академскиот сликар Борислав Траиковски и легатот на скулпторот Сотир Димовски беше во чест на државниот празник 11. Октомври.
Во музичкиот дел од програмата настапи мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“-Битола.