Во Велес денеска се одржа Регионална средба со кандидати за градоначалници и носители на советнички листи за Вардарски регион во организација на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Здружението на еднородителски семејства „Една Може“.
Целта на средбата, како што соопштија организаторите, била да се претстави потребата од преземање конкретни мерки на локално ниво и обезбедување средства од локалната самоуправа за унапредување на пристапот до сервиси за жените и децата жртви на насилство.
– За таа цел, беше подготвена Јавна заложба за Унапредување на заштитата на жените и децата жртви на различни форми на насилство, вклучително и семејно насилство, која кандидатите и кандидатките за градоначалници беа поканети да ја потпишат. Ова беше трета и последна од планираните средби со кандидати и кандидатки за градоначалници во предизборниот период, на која Јавната заложба ја потпишаа вкупно 14 кандидати и кандидатки (од вкупно 25) во Вардарскиот регион. Тие ветија дека, доколку бидат избрани, ќе посветат должно внимание на овој проблем кој ја засега половина од популацијата во општините – жените за да се овозможи унапредување на системската заштита на жените и девојчињата од сите видови насилство, се вели во соопштението.
Претходно вакви средби со кандидатите за градоначалници се одржаа и во Полошкиот и во Скопскиот регион.