Израел го олесни ембаргото врз испораката на градежни материјали во секторот Газа, соопштија воени извори.
Постепеното покренување на израелската блокада на Газа беше еден од условите за постигнување примирје меѓу Израел и исламистичкото движење Хамас, кое во целост ја контролира палестинската енклава.
Испораките на градежни материјали ќе продолжат додека ситуацијата по границата меѓу Израел и Газа е мирна.
Во замена за олеснување на ембаргото, Израел бара Хамас да го прекине шверцот со оружје преку границата со Египет.
Според извори од Газа, неопходни се деноноќни испораки на градежни материјали во продолжение од неколку години, за да можат да бидат задоволени потребите на градежниот сектор.