Целта на Владата и на Секретаријатот за европски прашања е да ги донесе европските вредности во Македонија, во нашето општество, а не само формалното членство во ЕУ. Сметаме дека е потребно системот на образование да се адаптира. Ова денеска го истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи пред отворањето на Меѓународниот студентски конгрес што по четврти пат го организира Меѓународниот балкански универзитет.
– Образованието не подготвува за иднината која е непредвидлива и затоа фокус треба да се стави на стимулирање на креативноста кај младите. Креативноста е исто толку важна колку и способноста за читање и пишување кај младите генерации, но и потребата од доживотно учење е еден од начините како во Европа се организира образовниот систем за да можат младите да бидат подготвени на новата динамика на развој не само во технологијата, воопшто на развој на општеството, рече Османи.
Ректорот на Меѓународниот балкански универзитет (IBU) Исмаил Кoчајусуфоглу потенцира дека студентите ќе дискутираат за одлични теми на акдемско, научно ниво, меѓу кои како да се гради мир во светот.
Студентот на Меѓународниот балкански универзитет и вработена во Канцеларија за меѓународна соработка Дукица Павловиќ потенцира дека се потребни повеќе активности на студентите надвор од предавањата и пракси.
– Секакви студентски активности придонесуваат многу повеќе отколку самите предавања, вежби и учење за испити, рече Павловиќ.
На 4. Меѓународен студентски конгрес, кој денеска и утре се одржува во Скопје, учествуваат повеќе од 80 студенти од 35 држави од светот. Конгресот се фокусира на „Создавањето на новиот свет во глобализирана ера“, а студентите ќе ги анализираат правните, политичките, економските, социјалните, психолошките, едукативните, уметничките и инженерските аспекти.