Владата на Република Македонија на денешната седница усвои предлог измени и дополнувања на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица, за правните лица во областа на камионскиот транспорт и такси превозот, соопшти владината прес-служба.
Како што појаснуваат во соопштението, со оваа одлука се врши прецизирање на начинот на пресметка на бонус или малус (доплаток на премијата на осигурување) за осигурениците и се изврши намалување на доплатокот за малус од 200 проценти на 100 проценти.
Малус претставува доплаток на премијата на осигурување. Тој се пресметува само доколку во периодот на траење на осигурувањето настанала штета. Малусот се пресметува при обнова на полиса, односно продолжување на договорот за осигурување. Тоа значи доколку сте имале незгода односно штета за која сте добиле покритие од осигурителната компанија, тогаш при продолжување на полисата за осигурување се пресметува доплаток (малус) на премијата на осигурување.
Доколку во текот на годината не е искористена полисата за осигурување тогаш при обнова на полисата односно продолжување на договорот за осигурување се пресметува бонус, односно се одредува попуст на премијата.