Претстави од Полска и Бугарија на претпоследниот ден на 42. МОТ

Од:

Две гостински претстави од Бугарија и Полска се на фестивалската програма на претпоследниот ден од 42. Млад отворен театар. Во Кино Култура од 20 часот ќе гостува театарот „Вокс попули“ од Софија со претставата „Мир со вас“, а од 22 часот во Младинскиот културен центар ќе настапи театарот КТО од Краков со претставата „Хор на сираци“.

Претставата „Мир со вас“, во режија на Неда Соколовска е создадена од раскази на бегалци, кои екипата на театарот „Вокс попули“ ги собирала лично од јануари 2016 година.

– Мигрантската криза во претставата се раскажува сама преку личните сведоштва на учесниците во неа: бегалци, мигранти и обични Бугари, кои имаат допир со странците. Како изгледа да бегаш од војна? Како се преминуваат границите? Каков е животот во бегалските кампови? Каде е толеранцијата? Постои ли воопшто? Каде е нејзината граница?…, соопшти МОТ во најавата за претставата.

Полската „Хор на сираци“ е претстава без текст. МОТ ја најавува како театарска сеанса со оркестар, сопран и актери. Автор, режисер и композитор е Јиржи Зон.

– Продукцијата инспирирана од романот „Боровинките на Ги Круси“ нè води во едно сиропиталиште каде што ќе видиме еден ден во животот на неговите жители. Сепак, ова не е емотивна приказна за сираците, туку универзална приказна за човечката осаменост, најавува фестивалот.

Во придружната програма на МОТ вечер од 23.30 часот во МКЦ концерт ќе има холандскиот бенд The Homesick. На сцената „Зебра“, пак, продолжуваат работилниците за современ танц на Скопје танцов театар.

Би можело да ве интересира

Вечерва „Хинкеман“ на независниот театар Златен Елец го отвара 49. МОТ

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска