Под мотото „Напред розово – чекори против ракот на дојка“ во чест на сите жени кои имаат рак на дојка, за оние кои се излечиле, но и за оние кои ја изгубиле битката со болеста, денеска се одржа прошетка на плоштадот „Македонија“.
Прошетката е во организација на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ со што ќе почне тримесечната кампања за борба против оваа болест.
Со оваа прошетка, како што велат од „Борка“, сакаат да дадат поддршка на болните од рак на дојка и нивните семејства и да ги охрбрат дека не се сами и да им дадат помош на сите на кои им е потребна.
Партнер на прошетката е амбасадата на САД во Република Македонија, а на неа беа присутни и американскиот амбасадор Џес Бејли и неговата сопруга Кејпи, како што посочија во знак на поддршка на борбата против ова заболување.
Во Македонија лани се откриени 1.200 нови случаи на заболени од рак на дојка, или просечно четири жени дневно. Во последните 15 години, смртноста од канцерогени заболувања во Македонија пораснала за девет отсто, и Македонија е една од ретките земји во Европа, каде смртноста од рак расте. Според бројот на смртни случаи, Македонија е на трето место во Европа.
Од Борка информираат дека одржале состанок со претставници на Владата и добиле позитивен одговор и поддршка за имплементација на Националната стратегија за контрола на ракот која ќе почне во 2018 година.