Државата ќе инвестира во нов технолошки парк во Скопје кој ќе биде дом на еден ИКТ акцелератор за нови ИКТ компании и место каде постоечката индустрија ќе го најде својот интерес и го насочи развојот на нови решенија.
Ова го најави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска на Конференција за иновативни ИКТ решенија и трендови.
Тој истакна дека се очекува технолошкиот парк да биде отворен во текот на следната година.
– Основниот чекор треба да го направи државата, да мотивира што поголем број луѓе да ја бараат својата егзистенција во ИТ индустријата. Оваа индустрија е еден од клучните механизми за да ги мотивираме младите луѓе да останат во Македонија, да студираат тука, да дојдат лесно до вработување и да имаат повисок животен стандарт. Во наредниот период ќе се обидеме да направиме координирана стратегија како да го постигнеме тоа, рече министерот на отворањето на Конференцијата.
Конференцијата се одржува во рамки на МАСИТ ИКТ деновите, а на која се дискутира на повеќе актуелни теми и прашања од обалста на ИКТ иновациите во функција на подобар бизнис, живот и развој.