Во момент кога САД бараат одговори за мистериозните „напади“ врз нивните дипломати во Хавана, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон е сретна со неговиот кубански колега Бруно Родригес, што претставува прва дипломатска средба на највисоко ниво меѓу двете земји, откако Администрацијата на претседателот Доналд Трамп стапи на должност.
Кубанското Министерство за надворешни работи соопшти дека на средбата, Родригес му посочил на Тилерсон дека не треба да се преземаат „избрзани акции без категорични докази“.
Што се однесува до случајот со американските дипломати, Родригес навел дека е важно Вашингтон да соработува со кубанските власти со цел да се појасни што се случило, иразувајќи подготвеност за продолжување на дијалогот во областа на заедничките интереси.
Во соопштението на Стеј департментот, се наведува дека на состанокот со Родригес,Тилерсон бил цврст и искрен во разговорот за безбедноста на американскиот дипломатски персонал во Куба. Тој нагласил дека Хавана мора да ја гарантира безбедноста на лицата кои работат во Амбасадата на САД.
Кон крајот на минатата година, најмалку 21 диплоат на САД и припадници на нивните семејства почуствуваа различни симптоми како резултат, како што изјави Тилерсон, „на напад врз нивното здравје“.
Кај некои беа дијагностицирани полесни мозочни оштетување, а кај други трајна загуба на слухот.
Американските истражувачи го водат случајот како „напади извршени со некаков вид на звучна направа“, но не можат да утврдат што е причината за „акустичниот напад“.
Откако започна истрагата за случајот, односите меѓу Куба и САД се влошија.