Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон ја демантираше денешната вест на британскиот „Телеграф“, оти тој планира да поднесе оставка.
Весникот пишува дека Џонсон би можел да поднесе оставка пред викендот, доколку британската премиерка Тереза Меј не ги прифати неговите барања во однос на Брегзит.
Се очекува дека в петок Меј ќе одржи говор за Брегзит, а в четврток ќе одржи седница на кабинетот.
„Телеграф“ наведе дека блиските соработници на Џонсон, веруваат дека тој не би имал друг избор освен да се повлече, доколку Меј заговара за идејата за постојано плаќање за пристапување кон единствениот пазар на Европската унија.
На прашањето на новинарите во Њујорк, дали планира да поднесе оставка, Џонсон одговори „не, секако дека не“.
– Ќе имаме фантастичен Брегзит. Ние работиме заедно, а клучната работа е да обезбедиме Велика Британија да може да ги искористи можностите што ги нуди Брегзит, нагласи Џонсон.