Поради асфалтирање на мостот на Оризарска река, делница од новиот патен правец кон кочанската населба Оризари, од изутринава од 7:00 часот затворена за сообраќај за сите видови тешки моторни возила е делницата од Виничка клучка до Оризари. Патничките возила се пренасочуваат преку населбата Оризари.
– Асфалтирањето на мостот е дел од новоизградената улица „Гоце Делчев“ во Оризари, значаен проект вреден 260 илјади евра. Оваа улица ќе го поврзува Оризари со магистралниот пат Кочани-Виница. Должината на патот е 743 метри со ширина на коловозот од 7 метри и тротоари од двете страни на коловозот од по 1,5 метри, изјави Драги Илијевски од Општина Кочани.
Грантот е добиен со помош на ЕУ- ИПА инвестицискиот фонд во износ од 260 илјади евра. Илијевски посочува дека со ова ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на животот и работните услови во населбата Оризари, како и за поквалитетен и побезбеден проток на возилата и подобрување на пристапот до регионалниот пат и поврзување со градот Кочани.
За оваа намена, како што кажа тој, од Проектот за подобрување на општинските услуги, се издвоени околу 56 илјади евра од општинскиот буџет.