Тренерот на Металург Мирче Јанушевски излезе со реакција по повод доделувањето на државната награда „8 Септември“. Меѓу наградените за посебен придонес во спортот е и Петар Белистојаноски тренер на државната сениорска репрезентација од 2012 до 2017.
Во реакцијата на Јанушевски стои:
– Пред се би сакале да кажеме дека карате спортот со своите постигнати резултати во сите конкуренции во изминативе години несомнено заслужува вакво државно признание кое веќе по вторпат се доделува на стручно лице од карате спортот.
Прашањето кое го поставуваат добрите познавачи на карате спортот е дали овогодинешната награда е отидена во вистински раце?
За да биде појасно прашањето ќе го објасниме процесот на избор на репрезентативци во КФМ и улогата која што ја има тренерот на државната репрезентација.
Процесот за избор на државната репрезентација е целосно определен со Правилникот за избор, финансирање и наградување на државни репрезентативни селекции на Република Македонија(Правилникот) и на него немаат државните тренери влијание или сликовито објаснето Правилникот е селектор. Единствено на тренерот на државната репрезентација му е дадено правото да избере натпреварувачи за екипно натпреварување во борби со тоа што и тука во Правилникот има точно одредени ограничувања.
На државните првенства и критериумските натпревари тренерот на државната репрезентација како и останатите тренери од клубовите се бори и настојува неговите натпреварувачи да постигнат најдобар резултат односно да обезбедат место во репрезентацијата.
Обврска на тренерот на државната репрезентација е да одржи подготвителни тренинзи пред официјални меѓународни европски односно светски карате првенства(се одржуваат најмногу до 20 тренинзи пред секое првенство), и да ги води репрезентативците на самото првенство.
КФМ на крајот од секоја натпреварувачка сезона во месец декември/јануари прави избор на најдобри спортисти и тренери за изминатата година.
Досега Петар Белистојаноски со резултатите кои ги постигнал ниеднаш не е прогласен за најдобар односно најуспешен тренер во КФМ.
Наградата 13-ти Ноември за постигнати врвни резултати во спортот која ја доделува Град Скопје за спомнатиот период од 10 години ја добија тренерите на карате клубовите Металург и Макпетрол од КФМ.
Државната награда 8-ми Септември за постигнати врвни резултати во спортот која ја доделува Град Скопје за спомнатиот период од 10 години ја доби тренерот на карате клубот Макпетрол.
ИО на КФМ, и покрај општо познатите горе изнесени факти очигледно целосно одвоен од реалноста во карате спортот, го предлага до Агенцијата за млади и спорт за добитник на годинешната државна награда 8-ми Септември тренерот на државната селекција за сениори Петар Белистојаноски, стои во дел од реакцијата на Јанушевски.
За крај во оваа реакција се додава дека овој предлог и доделување на наградата „8 Септември“ на Петар Белистојаноски народно речено е измама на спортската јавност во Република Македонија и безмилосно крадење на трудот од тренерите во клубовите а во режија на ИО на КФМ за што некој секако треба да понесе одговорност.