„ДОМ очекува Законот за урбано зеленило конечно да се донесе во Собранието, непосредно пред локалните избори. Ова е договорено со СДСМ пред парламентарните избори, заедно со пакет закони во урбанизмот и просторното планирање. Со ова ќе се сопре урбанистичкиот хаос, каде што интересите на бизнисот беа пред здравиот и квалитетен живот на граѓаните.
Овој закон ДОМ го поднесуваше три пати во Собранието, но тогашното мнозинство немаше слух да го прифати. Наместо закон за реална заштита на зеленилото, беше донесен т.н. „Закон за зеленило“, декларативен и без нормативи и мерки за заштита на зелените површини.
Законот за урбано зеленило беше изработен од Комисијата за екологија на ДОМ, зедно со стручни лица од Градот Скопје, ЈП Паркови и зеленило, како и Агенцијата за планирање на просторот. Помина серија јавни расправи во Градот Скопје и во ЗЕЛС, како и правно усогласување во министерствата и Собранието на Република Македонија.
Тој ќе обезбеди ефикасна заштита на постојното зеленило, со забрана за сечење на повеќегодишни дрва и задолжителна изработка на зелен катастар (попис на дрвата). Зеленилото ќе се вгради во урбанистичката документација според строго утврдени нормативи и стандарди: 25 м2 на ниво на град и 10-30% зеленило на ниво на градежна парцела. Ќе се обезбедат финансиски средства за одржување и подигање ново зеленило, за да се намали загадувањето на воздухот и да се хуманизира просторот за живеење.
Законот за урбано зеленило во моментов е на разгледување во Министерството за транспорт и врски и се очекува да биде поднесен од група пратеници од мнозинската коалиција“, се вели во соопштението на ДОМ.