Манифестацијата „Сто илјади поети за промена“ во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распиша поетски конкурс за годинашното издание на фестивалот.
Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и на теми кои се поврзани со промените – глобално и локално. Секој автор може да учествува со по една песна.
Покрај конкурсот за поезија, манифестацијата „Сто илјади поети за промена“ во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распиша и конкурс за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот. Тематски тие може да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, мирот…
Авторите треба да ги праќаат песните и дизајнерските решенија на Фејсбук-страницата на оваа манифестација или на електронската адреса: [email protected] најдоцна до 23 септември 2017.
Пристигнатите творби ќе ги разгледуваат комисии. Избраните песни ќе бидат застапени во зборникот „Сто илјади поети за промена“ – Македонија, кој ќе биде објавен во рамки на манифестација, а дизајнерските решенија ќе бидат претставени на изложба на 30 септември.
Манифестацијата „Сто илјади поети за промена“ е меѓународна. Оваа година ќе опфати повеќе од 500 настани во над 100 земји во светот. Во Македонија оваа манифестација уште од самиот почеток е поддржана од Општина Струмица.