Младиот математичар Блаже Суклевски, ученик во 8 одделение во ОУ „Тихомир Милошевски“, како првопласиран во Република Македонија, учествуваше на најпрестижниот интернационален натпревар од областа на геометријата „Иранска геометриска олимпијада – ИГО“ и влезе во најтесниот избор на светско ниво за златен, сребрен или бронзен медал, соопшти општина Ѓорче Петров.
За Република Македонија натпреварот се одржа на Машински факултет во Скопје каде Суклевски беше придружуван од неговиот ментор професорката Анкица Спасова.
– Нашиот математичар Блаже Суклевски влезе во најтесниот избор на светско ниво за златен, сребрен или бронзен медал. Резултатите ќе бидат проследени до интернационалната комисијата за прегледување во Иран и по еден месец ќе бидеме известени за нив, истакна менторката Спасова.
Таа посочува дека на натпреварот во Иран учествувале најдобрите математичари од 44 држави во светот, од што, како што вели, може да се согледаат придобивките за ученикот, менторот, училиштето, општината и државата.
– Ова беше нов предизвик за осмодделенецот Блаже Суклевски кој покажа убедливо најдобри резултати пред неговите врсници. Овој млад математичар и досега се закитувал со медали од општински, регионални и државни натпревари, истакнува Спасова.
Тој годинава има освоено и прва награда на државниот натпревар по математика кој се одржа на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.