На 8-ми минатиот месец, пијанистката Огненка Герасимовска-Димитровска одржа рецитал на пијано во Рим, Италија. Таа настапи во познатиот Марчело театар во склоп на фестивалот Темпието.
– Огромна чест и задоволство ми е што настапив во овој град. Рим е еден голем музеј, а театарот Марчело е единствениот сочуван антички театар во него. Изграден е во I век п.н.е. и е моделот по кој подоцна е изграден Колосеумот. Просторот е грандиозен, инспиративен и придонесе за создавањето на прекрасна атмосфера. Многу пријатно ме изненади публиката која несебично ме награди со огромен аплауз на крајот, инсистирајќи на бис. Интересно беше што голем број од слушателите останаа и по завршувањето на концертот за да ми честитаат но и да подискутираат со мене за изведбата. Со задоволство повторно ќе настапам пред римската публика.
Пијанистката Огненка Герасимовска – Димитровска основното и средното музичко училиште го заврши во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Рита Трпчева-Попович, дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје, во класата на проф. Борис Романов. Во моментов го работи својот докторски труд во класата на проф. Волфганг Манц од Нирнберг, Германија.
Добитник е на голем број државни и меѓународни награди, како наградата „Климентина Рафајловска“ за најдобар матурант, наградата „26 јули – Франк Манинг“ за најдобро дипломиран студент во учебната 2006/2007 год. на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Прва награда на меѓународниот пијано натпревар „Николај Рубинштајн“ во Париз, Франција, Втора награда на меѓународниот натпревар „Виртуози за музика на пијано“ во Усти над Лабем, Чешка, Лауреат на ЕПТА – меѓународен натпревар на млади пијанисти во Осијек, Хрватска, Прва награда на „Интерфест Битола“ – интернационален натпревар за млади пијанисти, Специјална награда за најперспективен млад пијанист доделена од Сојузот на музичките уметници на Р. Македонија, Трета награда на пијано натпреварот „Карл Дрецхел“ во Нирнберг, Германија.
Пијанистката Огненка Герасимовска – Димитровска успешно се има претставено на голем број концерти во Македонија и надвор од неа, како Србија, Хрватска, Русија, Франција, Украина, Романија, Чешка, Косово, Израел, Германија, Австрија.