Заменик претседателот на Парламентот (Меџлисот) на Кримските Татари, Ахтем Чијгоз, е осуден денеска од Врховниот суд на Крим на осум години затвор, за потикнување немири.
Чијгоз е во затвор од јануари 2015 година, откако беше уапсен и обвинет дека во февруари 2014 година ги предводел протестите во Симферопол, за подршка на тогашната, привремена влада на Украина.
Во судирите на учесниците во спротивставените демонстрации, беа убиени две лица.
Неговите адвокати изјавија дека тој е „бесправно осуден„ и бараат од кримските власти, да биде екстрадиран во Украина.
Кога во Киев беше соборен од власт тогашниот украински претседател Виктор Јанукович, руската армија изврши „бескрвна„ инвазија на Крим, а подоцна спроведе и анексија на полуостровот.
Многу Татари побегнаа на украинската територија, а меѓу нив и нивниот лидер Мустафа Џемилев. Заменик претседателот на Меџлисот, Чијгоз од самиот почеток беше гласен противник на руската интервенција.
Русија минатата година го забрани Меџлисот, прогласувајќи го за „екстремистичка организација„.
Во 1999 година, властите на Украина го признаа ова традиционално собрание на Кримските Татари и сите негови 32 чланови, по автоматизам беа членови и на украинскиот Парламент.
Татарите кои зборуваат турски јазик, претставуваат 12 отсто од вкупното население на Крим.
ЕУ и Амнести Интернешенел ја обвинуваат Русија за повреда на човековите права на оваа етничка заедница. Четворица Татари, годинава се осудени на затворски казни за припадност на исламистичката група Хизб ут Тахрир, која е забранета во Русија.
Украинскиот претседател Петро Порошенко ја осуди денешната пресуда на Ахтем Чијгоз.