Британскиот премиер Дејвид Камерон ја загрозува иднината на ЕУ, предупреди претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј во интервју за британскиот весник „Гардијан“.
Ромпуј алудира на обидите на Камерон за враќање на некои од овластувањата на Брисел на Лондон. Минатиот месец под притисок на евроскептиците во партијата британскиот премиер изјави дека поддржува членство на Велика Британија во ЕУ, но дека сака нов европски договор кој вклучува постапка за исклучување на Лондон од некои клучни проблеми.
Претседателот на Европскиот совет сега за првпат официјално реагираше на изјавите на Камерон.
– Ако секоја членка има можност да прави избор од актуелните европски политики, да прифаќа едни или да отфрла други, кои не и се допаѓаат толку многу, тоа унијата во целина и особено единствениот пазар ќе ги распадне многу брзо, истакна Ромпуј.
Тој истакна дека сите земји може да формулираат посебни барања и да имаат посебни потреби, како и дека тие секогаш биле земани во предвид.
Сепак, според него предложените од Камерон промени во европските договори ќе се поврзат со долги и тешки постапки, за кои е потребна едногласност од сите 27 земји членки.
Анкетите покажуваат дека Британците се повеќе се за целосно излегување на Велика Британија од ЕУ, што ја сметаат за институција која се меша во внатрешните работи на земјата и троши пари, додека на Британците им се наметнуваат мерки за штедење.
Во интервјуто за „Гардијан“ Ромпуј истакна дека доколку Велика Британија одлучи да ја напушти ЕУ тогаш тоа ќе биде исто како пријател да замине во пустина. Велика Британија е членка на ЕУ од 1973 година, но не е дел од еврозоната.