Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, заедно со 10 ученици од осумте основни училишта, кои ќе одат на настава во Лондон, како и претставници од општината денеска ја посетија Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија.
На средбата, како што информират од општината, било истакнато дека кон средината на септември, 10-те најдобри ученици од сите основни училишта во општина Аеродром ќе ја посетат збратимената општина Вандсворт во Лондон, каде што ќе посетуваат настава во училиштето Ернест Бевин.
За време на наставата во училиштето во лондонската општина Вандсворт учениците придружувани од еден одговорен наставник ќе имаат можност да ја посетуваат наставата кај своите врсници и да се запознаат со нивниот воспитно-образовен систем, односно со нивните наставни програми и со начинот на одржување на наставата.
Оваа иницијатива се смета за важна и претставува илустрација на врските меѓу Македонија и Британија, а како што изјавил британскиот амбасадор Чарлс Герет, таа исто така е уникатна прилика за најдобрите ученици од Аеродром да посетуваат настава во училиштето Ернест Бевин, дотолку повеќе што овој колеџ има долга традиција на негување на спортот, а таму учел и актуелниот градоначалник на Лондон.