Намален е бројот на поднесени претставки до Народниот правобранител за заштита на правото на здрава животна средина од 35 во 2012 година на 15 во 2016 година, при што најчесто претставките се однесуваат на проблемот со бучава, информира денеска заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа.
– Ова укажува на ниско ниво на еколошка свест, но и на потреба од подигнување на свеста кај граѓаните. Од друга страна, загрижува инертноста на надлежните органи и институции, несоработката и отсуството на координација за преземање на системски мерки меѓу централната и локалната власта, изјави Бајрамовска Мустафа.
Истражувањето на Народниот правобранител за состојбите со депонирањето на отпадот во Република Македонија, спроведено во 2016 година, покажува дека состојбата со депонирањето на отпад е под секакво ниво, супстандардна и речиси не се почитува ниту една законска норма, која се однесува на ова прашање.
– Сегашната состојба со управувањето со цврстиот отпад во Македонија е неефикасна, а последиците од загадениот воздух, почвата и водата го чувствуваме сите. Загрижува појавата посебно во помалите места собраниот отпад едноставно да биде фрлен на отворен простор, а надлежните служби за тоа да не го регистирираат. Загрижува и тоа што на исто место се меша и депонира различен вид на отпад, индустриск, опасен медицински отпад и отпад од домаќинствата, а откако празниот простор се пополнува депонијата се напушта и се избира и експлоатира друга локација, изјави Бајрамовска Мустафа.
Посочи дека регионални депонии користат само 14 општини, додека 42 општини користат локални депонии за комунален и друг отпад, а 11 не користат локални, ниту регионални депонии.
– Истражувањето покажува дека само 19 општини вршат одредени селекција на отпадот, а само 6 имаат донесено план за управување со отпад. Во Македонија повеќе години се одвива неуспешна реализација на изградба на регионлани депонии. Единствено Градот Скопје и општина Прилеп работат на реализација на комплекс во кој нема само да се депонира, туку и ќе се преработува отпадот, изјави Бајрамовска Мустафа.
Истражувањето, како што посочи, ги потврдува досегашните укажувања на Народниот правобранител дека е неопходна поголема координација меѓу сите учесници, локалната власт која има централна улога во планирањето и воспоставувањето на одржлив систем за управување со отпадот, домаќинствата, претпријатијата, приватниот сектор, НВО, како и поединците.