На синоќешната седница на Централниот одбор на ДОМ, по обемни дискусии, беше прифатен предлогот на СДСМ за коалицирање на локалните избори. Во дискусиите беше ценета вкупната политичка ситуација во земјата и потребата за продолжување на реформските процеси, преку обединување на силите.
Конечната одлука за настапот на ДОМ на локалните избори ќе биде донесена на партиската конвенција што е закажана за утревечер. Ова е статутарна обврска, имајќи ја предвид конгресната одлука од 2014 за самостојни советнички листи на следните локални избори. Таа одлука се базираше на позитивното искуство од изборите во 2013 година, кога ДОМ освои скоро 25.000 гласови.