Сите институции и политички субјекти да им овозможат на претставниците на медиумите непречено извршување на нивните професионални задачи, побара денеска Советот за радиодифузија преку соопштение огласувајќи се за неодамнешните случувања во Собранието и отстранувањето на новинарите од галериската сала за известување.
Според СРД, програмите на медиумите треба да бидат отворени за различни политички мислења и гледишта, а настаните прикажувани објективно и непристрасно.
– Ги повикуваме медиумите да известуваат професионално и да овозможат слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања, во интерес на унапредување на демократските процеси во државата, се вели во соопштението од СРД.
Советот за радиодифузија воедно истакнува дека се залага за слобода на изразување и за право на слободен прием и пренесување на информации, поради што, според соопштението, уште еднаш ги упатува институциите и политичките субјекти на нивната обврска за јавност и транспарентност во работењето и ги повикува да го почитуваат правото на новинарите да ги извршуваат своите професионални обврски.